Jul 10, 2019
Го враќаме сјајот на една од најстарите ликовни колонии во Македонија.
Создадени преку триесет нови ликовни дела, повеќе од вкупно создадените во изминатите 5-6 години.
Голема благодарност до сите годинешни учесници на Ликовната колонија, благодарност за нивните дела, кои ќе бидат дел од културното наследство на колонијата.
Уште еднаш се покажа дека уметноста не познава граници, национални, верски, јазични и други бариери.
Ars longa, vita brevis или Уметноста е долга, животот е краток ! – кажа градоначалникот Ногачески по повод затворањето на колонијата.

Mar 25, 2019
Во тек се градежните работи за партерно уредување на дворното место пред амбулантата, во центарот во село Велмеј.
Се уредува просторот каде секоја година се оддржува манифестацијата по повод верскиот празник Василица.
Вкупната вредност на работите изнесува 897.000 денари без ДДВ, а средствата се обезбедени од Буџетот на општината за 2019 година.

Во оваа фаза, во просторот ќе се вметнат неколку содржини ( бекатон патеки, шанк со комплет санитарии, огниште, клупи од травертин околу огниште, санитарен јазол ).
По завршувањето на овие работи ќе се премине на втората фаза, заградување на просторот. – изјави градоначалникот Зоран Ногачески.
Dec 13, 2018
Дебрца – оаза на цивилизацијата
Општината Дебрца е една од врвните оази на културното наследство и природното богатство на Република Македонија, односно оаза на цивилизацијата.
Во овој сеуште девствен природен рај, очигледно е дека никогаш не сме биле сами. Тука вредните раце на голем број човечки души во изминатите столетија ги оформувале своите огништа.
Тука биле огромен број села и десетина древни градови и тврдини.
Поаѓајќи од нашата визија од Дебрца да создадеме високорангирана природна, културна и археолошка туристичка дестинација го спроведовме Проектот “Археолошка топографија на старите градови и тврдини во општина Дебрца 2018”.
Во рамките на проектот се изврши археолошки мониторинг на 10 најзначајни археолошки локалитети со цивилизациски карактер на територијата на општина Дебрца, изработка на археолошка, техничка, наративна и илустративна фото/видео документација.
Археолошките истражувања ги изврши истражувачки тим од Филозофскиот факултет Скопје, предводен од археологот, проф. Д-р Виктор Лилчиќ Адамсен.
Средствата за реализација на Проектот , во износ од 100.000 денари се обезбедија од Буџетот на општина Дебрца, Програма за развој на културата во 2018 година.
Денес пред пошироката јавност го презентиравме Извештајот за археолошките истражувања.
И не застануваме тука. За следната година планираме археолошки истражувања на најзначајниот археолошки локалитет, Требенишкото Кале.
Нашата идеја е поранешниот задружен дом во село Требеништа да се преадаптира и прерасне во Дом на археолошкото наследство на Дебрца и да преставува значаен производ на археолошката туристичка понуда на Дебрца.
Dec 11, 2018
Во четврток 13.12.2018 година, со почеток во 11.00 часот, во салата за седници на советот на општина Дебрца, во село Белчишта ќе се презентираат резултатите од Проектот “Археолошка топографија на старите градови и тврдини во општина Дебрца 2018 “. Во рамките на проектот се изврши археолошки мониторинг на 10 најзначајни археолошки локалитети со цивилизациски карактер на територијата на општина Дебрца, изработка на археолошка, техничка, наративна и илустративна фото/видео документација.
Средствата за реализација на проектот, во износ од 100.000 денари се обезбедени од буџетот на општина Дебрца, конкретно од Програмата за развој на културата во 2018 година, а истражувањето го спроведе истражувачкиот тим на Филозофскиот факултет Скопје.
Презентацијата ќе ја изврши Раководителот на истражувачкиот тим, Проф. Д-р Виктор Лилчиќ Адамс. Поканети се сите заинтересирани лица кои сакаат да ја проследат јавната презентација.
Jan 26, 2018
Изминаа 100 дена од денот кога ја презедов градоначалничката функција и вообичаена практика е да се даде првична оценка. Еве, да сумирам од мој агол.
Со оглед на периодот во кој е преземена функцијата можеби некој ќе рече нема некои големи нешта, ама сепак ќе набројам многу мали нешта и реализирани ветувања, кои полека, но сигурно го отвораат патот на поголемите нешта.
На 19 октомври 2017 година општината ја наследив со 841.617,00 денари во општинската каса, ама истиот ден на моето биро затекнав и доспеани и неисплатени фактури, во износ од 701.147,00 денари. Следните денови пристигнуваа и други неплатени сметки. Дополнително, по основ на склучени договори затекнав неисплатени обврски, во износ од 8.005.032,00 денари. Ова колку да се знае во каква финансиска состојба ја презедов општината.
Што исполнивме во 100-те дена ?
-ја отворивме општината за сите ( секој ден приемен ден кај градоначалникот ). Во 100-те дена во мојот кабинет, без закажување, влегоја повеќе луѓе, отколку за четирите и пол години на мојот претходник. Секој со своја човечка мака. На некого му помогнавме, на некого допрва, на некого можеби не. Маките се преголеми, можностите помали.
-ги намаливме непродуктивните трошења. Во 100-те дена немам земено ниту една дневница, немам потпишано ниту една сметка за репрезентација на товар на општината. И така ќе остане до крајот на мојот мандат.
-креиравме нов општински портал, со нови содржини и апликации ( пријави проблем, прашај го градоначалникот, ваши идеи за Дебрца ), со цел општината да ја направиме потранспарентна и поблиску до граѓаните. Веб порталот во наредниот период ќе го доградиме и надградиме.
-се конституира советот на општината и донесени се програмите за развој на општината и Буџетот на општината за 2018, со кои се предвидуваат повеќе средства за капитални инвестиции, социјални трансфери, за спортските клубови и спортските манифестации, стипендирање на учениците и студентите, за културата, за бесплатна ужинка за учениците, бесплатни екскурзии, за пензионерите, за склучен брак, новореденче, за урбанистички развој и др.
– во делот на капиталните инвестиции ја дозавршуваме постапката за одобренија за градење за постојните проекти, а нарачавме и други проекти со кои аплициравме или допрва ќе аплицираме до националните и меѓународните фондови и донатори на средства. Исплативме и дел од започнатите проекти од претходната власт . Со почетокот на пролетта очекуваме отпочнување и динамизирање на капиталните инвестиции. За кои конкретно, повеќе во мојата следна елаборација.
-поставени се нови раководители на Основното училиште и Јавното комунално претпријатие, од чија активност и соработка очекувам подобрување и на образовната инфраструктура, а особено поквалитетни и оддржливи комунални услуги.
-со раководните структури на ЈП за државни патишта упорно настојуваме да ги решиме сите наследени проблеми во врска со изградбата на Автопатот А2, делницата која поминува низ општина Дебрца .
-интензивно работиме на изнаоѓање на краткорочни решенија за водоснабдувањето во Требеништа, Горенци, Оровник и Подмолје, но и на долгорочно решение, за кои јавноста набргу ќе биде информирана.
-презедовме неколку ситни и итни комунални активности ( чистење на дел од водотек во Белчишта, Велмеј, Арбиново, дел од патниот правец Мешеишта-Волино ).
Можеби нешто испуштив. Можеби можеше повеќе. Се согласувам, секогаш може повеќе.
Сепак, ова беше период на себенаоѓање, скенирање на состојбата, трасирање на патот и отворање на можностите за исполнување на добар дел од дадените ветувања. Се надевам дека сме на вистинскиот пат.
Мислењето на Вас, граѓаните ми е многу битно и затоа го очекувам, особено барам корекција ако сме забегале од вистинскиот пат. Граѓаните секогаш се најдобриот коректив.
Крајно, сакам сите граѓани на Дебрца да ги уверам дека и во наредниот период чесно и одговорно ќе ја практицирам функцијата и дека по никоја цена нема да отстапам од две основни заложби.
Првата е – да бидам Градоначалник, еднаков за сите граѓани.
Втората е – додека сум Градоначалник нема да дозволам во Дебрца да се изгради регионална депонија.