Select Page
Во Црвена Вода одбежежан јубилејот 79-години од издавањето на Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ и патронен празник на општина Дебрца

Во Црвена Вода одбежежан јубилејот 79-години од издавањето на Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ и патронен празник на општина Дебрца

Денес, во историското село Црвена Вода, славна Дебрца го одбележавме јубилејот- 79 години од издавањето на Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ, на 03 Октомври 1943 година, ден кој е патронен празник на општина Дебрца.

 

Манифестот на АСНОМ по своето историско значење е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него, со што слободно можеме да констираме дека извориштето на современата македонска држава е во Дебрца.

 

Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја.

 

И не само тука, во Црвена Вода, на денешен ден, туку и на Славеј Планина, каде што пред 79 години беше формирана првата регуларна воена единица, баталјонот “Мирче Ацев, во Сливово беше формирана Првата Македонска-Косовска ударна бригада, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ, а во селото Издеглавје, во 1944 година беше возобновена Македонската Православна Црква, во ликот на Охридската Архиепископија.

 

Дебарца долго време беше на маргините, поради што луѓето си заминуваа, селата ни се празнеа. Но, тоа не значи дека духот на нашите предци е исчезнат. Тој живее во сите нас и во нашата визија за Дебрца.

Таа визија е да го промовираме еко капацитетот на Дебрца, да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца.

Дебрца да остане чиста и незагадена и секогаш да пружа одмор, мир, чистота и револуционерност, не само на нас, туку и на сите добронамерници кои ќе ја посетат.

 

Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.

Свечено отворена “Планинска куќа Брежани”

Свечено отворена “Планинска куќа Брежани”

Вчера во Брежани свечено ја отворивме “Планинската куќа Брежани”.
Објектот беше реконструиран во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ, Програма за прекугранична соработка со Република Албанија и Министерството за локална самоуправа ,а имплементиран од партнерите: ОО Црвен Крст Охрид Алпинистичко друштво Патагонија Охрид и општина Дебрца, од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна.
Дебрца со своето природно и културно наследство кое е дел од заштитеното подрачје на УНЕСКО, Дебрца со сите овие планински масиви коишто ги има почнувајќи од Караорман преку Славеј Планина, Мазатар и Илинска Планина е извонредно погодно подрачје за развој на сите форми на алтернативен туризам вклучително и планинскиот, зимскиот и авантуристичкиот туризам. Токму затоа овој проект кој го реализираме заедно со нашите партнери на некој начин е во корелација со нашата визија, Дебрца да прерасне во една извонредна туристичка природна дестинација.
Еден од предусловите за такво нешто е да има и безбеден туризам. Токму затоа и во рамки на овој проект се обезбедени специјално возило и специјална опрема за спасување во зимски услови и секако беше извршена реконструкција на старата училишна зграда и нејзина преадаптација во планинска куќа со што ги воспоставуваме потребните инфраструктурни проекти и други активности за создавање на предуслови за искористување на сето тоа што го дава Дебрца за развој на туризмот
Уште еднаш сакам да испратам благодарност до Delegation of the European Union, Skopje и Министерство за локална самоуправа што финансиски го поддржаа овој проект. IPA II CBC Programme – Republic of North Macedonia & Republic of Albania

IPA CBC MK-AL: Свечено отворање на Планинската куќа во с.Брежани

IPA CBC MK-AL: Свечено отворање на Планинската куќа во с.Брежани

Почитувани,

Со особена чест и задоволство Ве покануваме на отворањето на Планинската куќа Брежани, реконструирана во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ, Програма за прекугранична соработка со Република Албанија и Министерството за Локална самоуправа на Република Северна Македонија. Настанот ќе се одржи во село Брежани, општина Дебрца, на 30.09.2022 год., со почеток од 11:30 ч.

Покана и агенда во прилог.

Покана и агенда за настанот

Извршен технички преим и предаден во употреба реконструираниот дом во Tребеништа

Извршен технички преим и предаден во употреба реконструираниот дом во Tребеништа

Вчера (31.08.2022 г) во Требеништа, Општина Дебрца, во присуство на претставници на Инвеститорот- Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Надзорниот орган, Изведувачот на работите и крајниот корисник на објектот- Општина Дебрца, беше извршен технички прием и предаден во употреба овој културно-историски дом.
Изминативе неколку месеци во внатрешниот дел извршена е целосна реконструкција на сите главни и помошни простории со што се овозможува понатаму да се организираат средби, манифестации, ликовни и друг вид поставки од интерес на граѓаните од оваа општина. Вкупната внатрешна корисна површина на објектот е 503 м2, а покрај тоа подобрена е енергетска ефикасност на објектот со изведбата на термо фасада.
,
Вкупната инвестиција е 3,8 милиони денари, при што поголемиот дел од средствата се од националниот буџет преку Програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој, а дел на средства за реконструкцијата обезбеди и Општина Дебрца. Изведувач на работите беше фирмата Тане 2007 ДООЕЛ Охрид.
Промовирана хидрогеолошка студија Студијата за Белчишкото Блато

Промовирана хидрогеолошка студија Студијата за Белчишкото Блато

Во просториите на Општина Дебрца, денес беше промовирана студијата за хидрогеолошките карактеристики на Белчишко Блато (Сини Вирој).

Оваа студија е прва од ваков вид за овој локалитет и околниот регион, а издавач е Здружението за екологија и туризам „ЕКОТУРИЗАМ 2016“, Охрид. Во изработката беа вклучени искусни хидрогеолози и тимот од здружението.

Хидрогеолошка студија

Градоначалникот Зоран Ногачески, заедно со претставниците од „Екотуризам“, Ѓоко Зороски и Гоце Колески, на денешната промоција го нагласија значењето на оваа студија, според која блатото е хидрографски објект од стратешко значење за општината и поширокиот регион.

Во услови кога светот се бори со климатски промени и кризи за вода, Белчишко Блато има постојана издашност од 2-3 m3/sвода, што теоретски е доволно за водоснабдување на град со околу 400.000 жители.

Студијата ги дефинира хидрогеолошките карактеристики на теренот на поширокиот простор на блатото со вкупна површина од околу 100 km2. Taa дава предлог за воспоставување мониторинг на квантитативни и квалитативни карактеристики на подземните и површинските води. Исто така изработени се и карта на ранливост на подземни води и карта на ризик од загадување на подземни води, кои треба да се земат во предвид во идниот развој и просторно планирање на регионот.

Хидрогеолошка студија

Студијата е дел од активностите кои „ЕКОТУРИЗАМ 2016“ Охрид ги спроведува во процесот на прогласување на блатото кој е во тек, а е достапна и на англиски јазик.

Извршени се бројни научни и едукативни активности, а процесот ќе биде крунисан со добивање статус на блатото заштитено подрачје со категорија – Парк на природата.

Покана за обука при заштита, зачувување и можности за зелени бизниси – Белчишко Блато

Покана за обука при заштита, зачувување и можности за зелени бизниси – Белчишко Блато

 проект „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители

Обука – модул 1: БЕЛЧИШКО БЛАТО – ЗАШТИТА, ЗАЧУВУВАЊЕ И МОЖНОСТИ ЗА ЗЕЛЕНИ БИЗНИСИ

Општина Дебрца, 4 август (четврток) 2022 г.

 

Агенда

11.00 – 11.05 ч.  Вовед во обуката, Ѓоко Зороски, Здружение за екологија и туризам „Екотуризам 2016“, Охрид  и  обраќање на Зоран Ногачески, градоначалник на Општина Дебрца

11.05 – 11.20 ч.  Презентација на наодите од истражувањето на рибната фауна од Белчишко Блато (2020-2021 г.) во рамките на проектот, проф. д-р Трајче Талевски, Хидробиолошки Институт, Охрид

11.20 – 11.40 ч.  Закани за рибната фауна и предлог мерки за зачувување и заштита на рибната фауна од Белчишко Блато, проф. д-р Трајче Талевски, Хидробиолошки Институт, Охрид

11.40 – 12.15 ч.  Можности за зелени бизниси – одгледување печурки, Сашко Тодоров, дипл. биолог

12.15 – 13.00 Можности за зелени бизниси – биолошки методи за обезбедување повеќе храна и заштита од штетници, Сашко Тодоров, дипл. биолог

13.00 – 13.30 Отворена дискусија

13.30 Ручек

 

*Обуката е во рамките на проектот „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“, кој започна на 1 јуни 2020 г. и ќе трае до 31 август 2022 г. Целта на проектот е изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото за прогласување на блатото за заштитено подрачје, теренски истражувања и јакнење на свеста на локалното население за придобивките и значењето на блатото. Проектот е финансиран од Партнерскиот фонд за критични екосистеми (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF) –  кои го препознаа блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата на нашата држава.