Aug 15, 2022
Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести ( Сл. весник на РМ 66/2004, 139/2008 и 99/2009, 149/2014 ,150/2015 и 37/2016), а врз основа на одлуката на Советот на Општина Дебрца за спроведување на превентивна систематска дезинсекција на територијата на општина Дебрца како општа противепидемиска мерка ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид го издава следното соопштение:
Се известуваат граѓаните кои одгледуваат пчели на подрачјето на општина Дебрца дека на ден 17.08.2022 год. (среда) екипите на Центар за јавно здравје Охрид ќе спроведат теристичка (од земја ) дезинсекција со цел уништување на комарците. Запрашувањето ќе се врши во период од 21.00 до 06.00 часот со апарат за УЛВ ладно запрашување .
Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени зелените површини во Општината, подрачјето на река Сатеска, локалитетите со застојни водени површини, урбани населби и локалитети предвидени во планот и програмата.
Се молат пчеларите и пчеларските задруги да ги превземат соодветните мерки за заштита на на пчелите.
Во случај на појава на неповолни временски услови (ветар, дожд) дезинсекцијата се одложува за следниот поволен ден.
За сите информации и прашања отворен телефон за контакт во Центар за јавно здравје Охрид е 231 030.
Со почит,
Одделение за
епидемиолошка дејност
Охрид
15.08.2022 година
Aug 3, 2022
проект „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“
Обука – модул 1: БЕЛЧИШКО БЛАТО – ЗАШТИТА, ЗАЧУВУВАЊЕ И МОЖНОСТИ ЗА ЗЕЛЕНИ БИЗНИСИ
Општина Дебрца, 4 август (четврток) 2022 г.
Агенда
11.00 – 11.05 ч. Вовед во обуката, Ѓоко Зороски, Здружение за екологија и туризам „Екотуризам 2016“, Охрид и обраќање на Зоран Ногачески, градоначалник на Општина Дебрца
11.05 – 11.20 ч. Презентација на наодите од истражувањето на рибната фауна од Белчишко Блато (2020-2021 г.) во рамките на проектот, проф. д-р Трајче Талевски, Хидробиолошки Институт, Охрид
11.20 – 11.40 ч. Закани за рибната фауна и предлог мерки за зачувување и заштита на рибната фауна од Белчишко Блато, проф. д-р Трајче Талевски, Хидробиолошки Институт, Охрид
11.40 – 12.15 ч. Можности за зелени бизниси – одгледување печурки, Сашко Тодоров, дипл. биолог
12.15 – 13.00 Можности за зелени бизниси – биолошки методи за обезбедување повеќе храна и заштита од штетници, Сашко Тодоров, дипл. биолог
13.00 – 13.30 Отворена дискусија
13.30 – Ручек
*Обуката е во рамките на проектот „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“, кој започна на 1 јуни 2020 г. и ќе трае до 31 август 2022 г. Целта на проектот е изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото за прогласување на блатото за заштитено подрачје, теренски истражувања и јакнење на свеста на локалното население за придобивките и значењето на блатото. Проектот е финансиран од Партнерскиот фонд за критични екосистеми (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF) – кои го препознаа блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата на нашата држава.
Jul 19, 2022
Успешно привршува и последната фаза од реконструкцијата на Задружниот дом во село Требеништа и негова преадаптација во деловен и археолошко -изложбен центар.
Средствата, во износ од 3.500.000 денари се обезбедени од Програмата за рамномерен регионален развој за 2021-2022 година, а 621.720 денари се учество на општина Дебрца. Проектот се имплементира преку Центарот за рамномерен регионален развој.
Jul 11, 2022
Денес во Белчишта со пригодна свеченост и официјално беше отворен новиот Изложбен центар на Белчишкото блато. Новата зграда беше реконстуирана со грант во рамките на пограничниот проект помеѓу Грција и Македонија под работен наслов „Подобрување на конзервацијата на приоритетните растенија во меѓуграничната област – CONSE PP“.
Пред свеченоста градоначалникот Ногачески имаше свое поздравно обраќање каде уште еднаш ја потенцираше важноста и значењето на ваквите погранични проекти, особено ја нагласи благодарноста до Европската унија што овој проект го препозна како еден од најуспешните проекти и даде можност за афирмација на еден од најзачуваните блатни системи во Македонија – Белчишкото блато.
Во овој Проект општина Дебрца е партнер заедно со Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменската област “Јасен” и Шумарскиот факултет, од македонска страна и општина Терми и националната организација за земјоделски науки “Деметер” Солун,од грчка страна.
Проектот е финансиран од Европската Комисија, Interreg IPA-Cross Border Cooperation Programme MK GR ( 85 % ) и Министерството за локална самоуправа на РМ ( 15 % ).
Целта на Проектот беше да се обезбеди одржливо управување со заштитените области, екосистемите и биодиверзитетот.
-Со Проектот за општина Дебрца обезбеди вкупно 219.555,79 ЕУР, кои се искористија за повеќе проектни активности, како што се:
-подготовка на оригинални слики и видеа од локална флора во Белчишкото Блато, развој на мобилна андроид апликација и реконструкција на објект во село Белчишта и негова адаптација во изложбен објект / музеј за флората на Белчишкото Блато.
Во својот говор градоначалникот Ногачески посебно го истакна задоволството што и општина Дебрца е партнер во овој проект и дека истиот е во функција на заложбите Дебрца ( во случајов Белчишкото Блато “Сини Вирој” ) да прерасне во атрактивна еко туристичка дестинација.
Ова е прв проект од прекугранична соработка во кој учествува општина Дебрца и преку кој се стекна со нови искуства во процесот на аплицирањето и имплементација на ваков тип на европски проекти.
Jul 9, 2022
На сите наши сограѓани, верници од исламска вероисповед, Ви го честитам големиот верски празник – Курбан Бајрам.
Нека празникот Ви донесе многу здравје, радост и мир во Вашите домови и во домовите на Вашите најблиски.
Нека владее добрата мисла и добрите човекови дела, како за празникот, така и во текот на целата година.
.Ваквите вредности се богатство во нашето општество и нивното зачувување е наша обврска
Jul 8, 2022
Во моментов најзначајниот спортски настан во општина Дебрца е турнирот во мал фудбал “Петровден 2022”, во село Мешеишта, кој како покровител и оваа година општината го помогна со 60.000 денари.
Општина Дебрца ги помогна и другите одржани спортски манифестации во општината,како :
-меморијалниот турнир во фудбал “Кире Николоски-Камачо” во село Лешани,со 30.000 денари ,
-Меморијалниот натпревар “Мирко Јончески-Мичула”,во село Велмеј, со 15.000 денари.
Согласно Годишната програма за спорт ќе бидат поддржани и други спортски манифестации во текот на 2022 година.
Општината обезбеди финансиска поддршка од 20.000 денари за Анастасија Мојсоска,од Оровник,членка на Стрелачки клуб “Стрелец” Скопје,која со репрезентацијата на Македонија во спортско стрелаштво со воздушна пушка учествува на Медитеранските игри во Алжир.
И во иднина максимално ќе ги помагаме спортските клубови, спортските манифестации и талентираните спортисти од општината.