Jan 27, 2022
Денес во општина Дебрца се одржа јавна дебата со заинтересирани граѓани за под-проектот:
“Модернизација на јавното осветлување/ замена на постојните улични светилки со нови лед светилки во населените места во општина Дебрца, а кој ќе се финансира преку Министерството за финансии, со под-заем и грант , во рамките на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор (ПСЕЕП), финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка.
Jan 26, 2022
Врз основа на член 39 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”, број 5/2002) и член 22, став 2 од Статутот на општината Дебрца (“Службен гласник на општината Дебрца”, број 3/2005), донесувам:
Р Е Ш Е Н И Е
за свикување на 4-та седница на Советот на општината Дебрца
Ја свикувам 4–та седница на Советот на општината Дебрца. Седницата ќе се одржи на ден 28.01.2022 година (петок), со почеток во 13.00 часот, салата за седници на Советот на општината Дебрца.
За седницата се предлага следниот:
Д Н Е В Е Н Р Е Д
- Усвојување на записник од 2-та седница на Советот на општина Дебрца
- Усвојување на записник од 3-та седница на Советот на општина Дебрца
- Предлог Одлука за утврдување на стапките на даноците на имот во општина Дебрца
- Предлог – Одлука за усвојување на извештајот за реализација на Годишната програма за изградба, реконструкција, одржување и заштита на општинските патишта и улици во општина Дебрца за 2021 година
- Предлог – Одлука за предавање во сопственост на движна ствар – возило за собирање на комунален отпад – половно товарно, марка Scania P4x2 на ЈКП „Дебрца“
- Предлог – Годишна програма за изработка на Урбанистички планови за Општина Дебрца во 2022 година
- Предлог – Одлука за именување на членови на Управниот одбор на Јавното претпријатие за комунална дејност „Дебрца“ – с.Белчишта
- Предлог – Одлука за именување членови на Надзорниот одбор за контрола на материјално – финансиското работење на Јавното претпријатие за комунална дејност „Дебрца“ – с.Белчишта
- Предлог – Одлука за давање согласност на Одлуката за усвојување на Решението за утврдување на тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување на ЈПКД Дебрца за регулиран период 2022-2024 година од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на РСМ (бр. УП108-62/21 од 04.10.2021), и донесување на предлог тарифи-цени за снабдување со вода за пиење или водоснабдување за домаќинства и останати (правни лица)
- Предлог – Одлука за давање согласност на Одлукаа за усвојување на Решението за утврдување на тарифа за собирање на урбани отпадни води на ЈПКД Дебрца за регулиран период 2022-2024 година од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на РСМ (бр УП108-63/21 од 04.10.2021), и донесување на предлог тарифи – цени за собирање на урбани отпадни води за домаќинства и останати (правни лица)
- Предлог – Одлука за доделување еднократна парична помош
СОВЕТ НА ОПШТИНА ДЕБРЦА
Претседател,
Илчо Алексоски
Jan 21, 2022
Врз основа на одлуката на советот на општина Дебрца, одржана на ден 31.05.2021 година општина Дебрца до Министерството за финансии поднесе апликација за добивање на под-заем во рамките на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор (ПСЕЕП), финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка, со цел финансирање под-проектот:
“Модернизација на јавното осветлување/ замена на постојните улични светилки со нови лед светилки во населените места во општина Дебрца”.
Поднесената апликација е прифатена и следниот чекор е одржување на Јавна дебата со заинтересирани граѓани, на која ќе биде образложен аплицираниот под-проект.
Јавната дебата ќе се одржи на ден 27.01. 2022 година / четврток/, во салата за седници на советот на општината, во административната зграда на општина Дебрца, во село Белчишта, со почеток во 12.00 часот.
На Јавната дебата може да присуствуваат заинтересирани граѓани и претставници на месните заедници.
Градоначалник,
Зоран Ногачески
Jan 17, 2022
Се известуваат жителите на село Горенци и горниот дел на село Требеништа дека денес и утре, 19 Јануари ќе има прекин во водоснабдувањето.
Причина се работите на поврзување на новата водоводна линија, кои ги врши изведувачот на работите на изградбата на автопатот, фирмата Синохидро.
Ве молиме за разбирање.
Jan 17, 2022
Со решение на градоначалникот Зоран Ногачески за нов Директор на Јавното претпријатие за комунална дејност “Дебрца” –именуван е Димче Андрески, дипломиран економист и магистер по архелогија.
На средбата со новиот директор разговаравме за состојбите во ЈКП при што ја истакнав мојата безрезервна поддршка на Јавното претпријатие.
Заеднички констатиравме дека неопходно е организирано, систематско и континуирано ангажирање и на општината и јавното претпријатие заради подигање на квалитетот на комуналните услуги на уште повисоко ниво, соодветно на потребите на граѓаните на општина Дебрца.
Заедничка цел ќе биде постигнување на што подобри резултати во работењето, врз база на целосно искористување на капацитетите, максимално подигање на нивото на услугите, максимално искористување на вработените и опремата, а во исто време и максимално намалување на трошоците на работењето.
Преку навременото и квалитетно вршење на комуналните услуги да бидеме поблиску до граѓанинот, да имаме што е можно почиста општина, поубава и со зелени површини, доволно здрава вода за пиење, системи за одведување на отпадните води.
За крај сакам да му се заблагодарам на претходниот ВД директор Игор Крцоски – Манце за досегашната соработка и неговиот ангажман во ЈКП Дебрца. – потенцираше градоначалникот Ногачески по средбата.
Dec 31, 2021
Почитувани сограѓани,
Сакам најтопло да Ви ја честитам Новата година со најискрени желби.
Посакувам во новата година да го исполниме нашето секојдневие со љубов, верба и надеж и заеднички да продолжиме да ја градиме нашата и иднината на нашите деца.
Пред два месеци повторно ја добив Вашата доверба да бидам градоначалник на општина Дебрца, да бидам првиот меѓу Вас, еднаквите. Дадовте силна поддршка на концептот “Заедно за Дебрца”, чија основна водилка е дека секој е важен и секој ќе биде важен.
Секој граѓанин заслужува подостоинствен живот, заслужува да биде разбран, почитуван, спокоен, радосен, бидејќи во сето тоа е смислата на нашето живеење.
Привилегија е да се работи за доброто на секој жител на општината, но и голема обврска довербата да се оправда.
Не попусто е кажано дека секој е ковач на сопствената среќа. Ако е така, ајде сите заедно да ја исковаме нашата колективна среќа, како виза за помирна, поспокојна и поубава иднина .
Очекувам и во наредната 2022 година да останеме фокусирани на нашата визија и сите заедно посветено да работиме на остварување на нашата заедничка цел, подобра и понадежна општина Дебрца.
Драги сограѓани,
Среќна Ви Нова 2022 година.
Нека бидеме благословени и исполнети со многу здравје, среќа, бериќет и успех.
Да сме живи и здрави.
Искрено ваш.
Зоран Ногачески
Градоначалник на општина Дебрца