Select Page
Градоначалникот Ногачески го објави планот за реализација на нови инфраструктурни проекти до крајот на 2019 година

Градоначалникот Ногачески го објави планот за реализација на нови инфраструктурни проекти до крајот на 2019 година

Наша основна определба беше и е да се фокусираме на подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните во општината и во тој контекст со средства од Буџетот на државата, ЕУ фондовите, буџетот на општината и други расположливи извори да инвестираме во капитални инфраструктурни проекти.
Во оваа прилика ќе потенцирам повеќе инфраструктурни проекти кои ќе ги започнеме и реализираме ( некои се отпочнати ) до крајот на оваа година и тоа :
ОРОВНИК
-хортикултурно уредување на просторот кај јарболот и дел од главната влезна улица во селото ( средства од Биро за регионален развој, програма за развој на села и буџет на општината ),
-осветлување на плоштадот со нови лед светилки ( буџет на општина ),
-осветлување на спортски полигон со лед рефлектори ( буџет на општина ),
-санација на каптажи во местност “Тројани” ( буџет на општина ),
-тампонирање на пат од кај Црква “Св. Спас” до приклучок на Аеродром ( АФПЗРР, програма за рурален развој ),
ГОРЕНЦИ
–осветлување на плоштадот со нови лед светилки ( буџет на општина ),
-аплицирано во МЗШВ за тампонирање на полски пат од подвозник до каналот на река Сатеска,
ТРЕБЕНИШТА
-тампонирање на пат до Црква “Св.Петка” ( буџет на општина )
-инсталирање на централно греење во Подрачното училиште ( буџет на општина , основно училиште ),
-поврзување на новата бушотина за вода со резервоарот над основното училиште ( буџет на општина ),
ВОЛИНО
-изградба на фекална канализација ( АФПЗРР, програма за рурален развој и буџет на општината),
-доизградба на патен правец село Волино-село Мороишта, Струга ( Центар за развој на Југозападен плански регион, АФПЗРР, програма за рурален развој ),
МЕШЕИШТА
-реконструкција и инсталирање на централно греење во Подрачното училиште (Центар за развој на Југозападен плански регион, програма за регионален рамномерен развој и буџет на општината ),
-изградба/асфалтирање на една уличка ( буџет на општина ),
БОТУН
-санација на стара каптажа за водоснабдување ( буџет на општина ),
-поставување на нова типска автобуска постојка ( проект за Белчишко Блато, ЗГ Екотуризам 2016 ),
ЗЛЕСТИ
-регулација на канал за наводнување ( буџет на општина),
-осветлување на плоштадот со нови лед светилки ( буџет на општина ),
БЕЛЧИШТА
-отпочнување со санација и пренамена на објект Изложбен центар на Белчишко Блато ( средства на ЕУ, Прекугранична соработка со Грција ),
-уредување на речното корито во централното подрачје ( буџет на општина ),
-поставување на нова типска автобуска постојка ( проект за Белчишко Блато, ЗГ Екотуризам 2016 ),
ЛЕШАНИ
-Регулација на канал за наводнување ( буџет на општина ),
-осветлување на спортски полигон со лед рефлектори ( буџет на општина ),
-подобрување на централното греење во подрачното училиште,
ВЕЛМЕЈ
-доуредување и заградување на просторот кај селската амбуланта ( буџет на општина ),
-осветлување на плоштадот со нови лед светилки ( буџет на општина ),
НОВО СЕЛО
-санација на покрив на објект на месната заедница ( буџет на општина ),
ПЕСОЧАНИ
-тампонирање на уличка со гребан асфалт ( буџет на општина ),
ЦРВЕНА ВОДА
-санација на спомен соба од АСНОМ и спомен соба на Ванчо Николески во зградата на училиштето ( буџет на општина ),
ИЗДЕГЛАВЈЕ
-изградба на резервоар за водоснабдување ( Министерство за транспорт и врски и буџет на општина ),
-тампонирање со гребан асфалт на пат до црква “Св.Димитрија” ( буџет на општина ),
-санација на мост на пат до црква “Св.Димитрија” ( буџет на општина ),
СЛАТИНСКИ ЧИФЛИК
-изградба на доводен цевковод за водоснабдување ( Биро за регионален развој ,програма за развој на подрачја со специфични развојни потреби ),
СЛАТИНО
-уредување на влезот во манастир “Св. Јован” ( буџет на општина ),
-асфалтирање на улица во селото ( буџет на општина ),
-уредување на патека и поставување на летниковци на Слатинско Езеро ( Центар за развој на Југозападен плански регион, грант од Швајцарска агенција за развој и соработка ),
ОЗДОЛЕНИ
-тампонирање на улица ( буџет на општина ),
АРБИНОВО
-реконструкција на пат врска со А2-село Арбиново ( Центар за развој на Југозападен плански регион, АФПЗРР,програма за рурална инфраструктура и буџет на општина ),
СЛИВОВО
-тампонирање на пат до црква “ Св.Атанасиј “( буџет на општина ),
-санација на споменик на МКУБ ( буџет на општина ),
-санација на спомен чешма во Сливовски Анови ( буџет на општина ),
ВРБЈАНИ
-асфалтирање на две улици ( буџет на општина ),
-изградба на бетонски пропусти на трета улица ( буџет на општина ),
ГОДИВЈЕ
-асфалтирање на две улици ( буџет на општина ),
-уредување на простор во црква “Св.Спас” ( буџет на општина ),
ЛАКТИЊЕ
-асфалтирање на две улици ( буџет на општина )
БРЕЖАНИ
-Во рамите на ЕУ Програмата за Прекугранична соработка со Албанија во прва фаза е одобрен проект, во чии рамки е предвидена санација и адаптација на зградата на поранешното училиште во планинарски дом.

Набавена опрема за фудбалските клубови во општина Дебрца

Набавена опрема за фудбалските клубови во општина Дебрца

Ветивме дека за сите спортски фудбалски клубови од општината кои се натпреваруваат во организиран систем на натпреварување ќе ја зголемиме финансиската поддршка и ќе обезбедиме средства во висина на котизацијата за соодветниот ранг на натпреварување и тоа континуирано го правиме.
И не само тоа.
Не ветивме, а исполнивме.
Согласно Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2019 година за сите фудбалски клубови од општина Дебрца кои се натпреваруваат во организиран систем на натпреварување ( ФК “Свети Петар”, Лешани, ФК “Злести”, ФК “Дебрца”, Белчишта –општинска лига и ФК “Сатеска”, Волино – регионална лига ) обезбедивме комплет спортска опрема ( по 20 дресови, шорцеви, штуцни, тренерки и по три фудбалски топки ).
Спортската опрема денес им ја предадов на претставниците на клубовите.
Средствата за набавка на спортската опрема во износ од 300.000 денари се обезбедени од буџетот на општината за 2019 година.
Парите на граѓаните ги враќаме назад кај граѓаните, овојпат кај спортистите.
И во иднина општината финансиски ќе го поддржува спортот, бидејќи вложувањето во спортот е вложување во здравјето.


 

Учениците од ОУ „Дебрца“ ги реализираа активностите од Отворената фудбалска школа 2018

Учениците од ОУ „Дебрца“ ги реализираа активностите од Отворената фудбалска школа 2018

Вчера и денес учениците од ОУ „Дебрца“ ги реализираа активностите од Отворената фудбалска школа 2018, која финансиски, со 100.000 денари беше поддржана од општина Дебрца.

„Овие два дена прекрасно изгледаше спортскиот полигон во Мешеишта, во што лично се уверив при денешното дружење со учениците.

Исто така, со еколошка акција за чистење на училишните дворови го одбележавме и 15-ти септември, Светскиот ден на чистењето.“- вели градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Како што вели градоначалникот Ногачески, како локална самоуправа и во иднина безрезервно ќе го поддржуваат секој проект и активност за спортско издигнување на учениците и развој на училишниот спорт.

Инфраструктурни инвестиции за подобрување на спортот

Инфраструктурни инвестиции за подобрување на спортот

Согласно програмата за развој и подршка на спортот во општина Дебрца, изминатиов период се инвестира во подобрување на спортската инфраструктура.

На спортскиот полигон во Волино се  поставени бетонско цокле и нова мрежа на заштитната ограда, нови столбови за рефлектори, реконструирана е електричната инсталација, преостанува да се постават новите 18 лед рефлектори.
Санирана е соблекувалната на фудбалското игралиште во Лешани, поставени се 18 лед рефлектори на спортскиот полигон во Мешеишта, четири металхалогени рефлектори на одбојкарското игралиште во Велмеј, шест металхалогени рефлектори на спортскиот полигон во Оровник.
Во наредните денови предвидено е поставување на нови лед рефлектори и во спортската балон сала во Требеништа.- потенцираше градоначалникот Ногачески.

Директна финансиска поддршка за спортот во Дебрца

Директна финансиска поддршка за спортот во Дебрца

Со Годишната програма за спорт за 2018 година Општината ќе додели финансиска и друга поддршка на спортски клубови од општината кои се натпреваруваат во организиран систем на натпревари во општинска и регионална лига .
За екипите во општинска лига предвидена е финансиска поддршка од по 60.000 денари годишно, а за екипи во регионална лига од по 200.000 денари годишно и обезбеден превоз за патување на релации подалеку од 40 км.
Предвидена е финансиска поддршка за сите спортски манифестации во општината, за талентирани спортисти, училишната спортска лига, есенскиот училишен крос.
Планирани се инвестиции во спортска инфраструктура ( реконструкција на соблекувална на фудбалско игралиште во село Лешани, реконструкција на осветлување на спортски полигон во село Мешеишта ( поставување на лед рефлектори ), реконструкција на осветлување на спортски полигон во село Волино ( поставување на столбови и лед рефлектори ) и други инвестиции во спортот.
Ги повикувае спортските клубови да поднесат барања за користење на средствата за пролетната сезона 2018 година.
Очекуваме и Ваши предлози за инвестиции за развој на спортот во општината.

Отчет 100 дена Градоначалник Зоран Ногачески

Отчет 100 дена Градоначалник Зоран Ногачески

Изминаа 100 дена од денот кога ја презедов градоначалничката функција и вообичаена практика е да се даде првична оценка. Еве, да сумирам од мој агол.
Со оглед на периодот во кој е преземена функцијата можеби некој ќе рече нема некои големи нешта, ама сепак ќе набројам многу мали нешта и реализирани ветувања, кои полека, но сигурно го отвораат патот на поголемите нешта.
На 19 октомври 2017 година општината ја наследив со 841.617,00 денари во општинската каса, ама истиот ден на моето биро затекнав и доспеани и неисплатени фактури, во износ од 701.147,00 денари. Следните денови пристигнуваа и други неплатени сметки. Дополнително, по основ на склучени договори затекнав неисплатени обврски, во износ од 8.005.032,00 денари. Ова колку да се знае во каква финансиска состојба ја презедов општината.
Што исполнивме во 100-те дена ?
-ја отворивме општината за сите ( секој ден приемен ден кај градоначалникот ). Во 100-те дена во мојот кабинет, без закажување, влегоја повеќе луѓе, отколку за четирите и пол години на мојот претходник. Секој со своја човечка мака. На некого му помогнавме, на некого допрва, на некого можеби не. Маките се преголеми, можностите помали.
-ги намаливме непродуктивните трошења. Во 100-те дена немам земено ниту една дневница, немам потпишано ниту една сметка за репрезентација на товар на општината. И така ќе остане до крајот на мојот мандат.
-креиравме нов општински портал, со нови содржини и апликации ( пријави проблем, прашај го градоначалникот, ваши идеи за Дебрца ), со цел општината да ја направиме потранспарентна и поблиску до граѓаните. Веб порталот во наредниот период ќе го доградиме и надградиме.
-се конституира советот на општината и донесени се програмите за развој на општината и Буџетот на општината за 2018, со кои се предвидуваат повеќе средства за капитални инвестиции, социјални трансфери, за спортските клубови и спортските манифестации, стипендирање на учениците и студентите, за културата, за бесплатна ужинка за учениците, бесплатни екскурзии, за пензионерите, за склучен брак, новореденче, за урбанистички развој и др.
– во делот на капиталните инвестиции ја дозавршуваме постапката за одобренија за градење за постојните проекти, а нарачавме и други проекти со кои аплициравме или допрва ќе аплицираме до националните и меѓународните фондови и донатори на средства. Исплативме и дел од започнатите проекти од претходната власт . Со почетокот на пролетта очекуваме отпочнување и динамизирање на капиталните инвестиции. За кои конкретно, повеќе во мојата следна елаборација.
-поставени се нови раководители на Основното училиште и Јавното комунално претпријатие, од чија активност и соработка очекувам подобрување и на образовната инфраструктура, а особено поквалитетни и оддржливи комунални услуги.
-со раководните структури на ЈП за државни патишта упорно настојуваме да ги решиме сите наследени проблеми во врска со изградбата на Автопатот А2, делницата која поминува низ општина Дебрца .
-интензивно работиме на изнаоѓање на краткорочни решенија за водоснабдувањето во Требеништа, Горенци, Оровник и Подмолје, но и на долгорочно решение, за кои јавноста набргу ќе биде информирана.
-презедовме неколку ситни и итни комунални активности ( чистење на дел од водотек во Белчишта, Велмеј, Арбиново, дел од патниот правец Мешеишта-Волино ).
Можеби нешто испуштив. Можеби можеше повеќе. Се согласувам, секогаш може повеќе.
Сепак, ова беше период на себенаоѓање, скенирање на состојбата, трасирање на патот и отворање на можностите за исполнување на добар дел од дадените ветувања. Се надевам дека сме на вистинскиот пат.
Мислењето на Вас, граѓаните ми е многу битно и затоа го очекувам, особено барам корекција ако сме забегале од вистинскиот пат. Граѓаните секогаш се најдобриот коректив.
Крајно, сакам сите граѓани на Дебрца да ги уверам дека и во наредниот период чесно и одговорно ќе ја практицирам функцијата и дека по никоја цена нема да отстапам од две основни заложби.
Првата е – да бидам Градоначалник, еднаков за сите граѓани.
Втората е – додека сум Градоначалник нема да дозволам во Дебрца да се изгради регионална депонија.