Dec 4, 2024
Во текот на Вчерашниот ден во посета на Општина Дебрца беа учесниците во Еразмус проектот наречен Fast Forward, каде што особен акцент се става на целите на одржливоста и климатските промени.
Учесниците беа од повеќе земји како: Македонија, Албанија,Косово, Босна и Шпанија.

Учеснците беа во посета на Белчишкото блато (Сини Вирој), Општина Дебрца и Изложбениот центар на Белчишкото блато.
Учесниците беа примени од страна на Градоначалникот Зоран Ногачески каде ја истакна заложбата на Општината за зачувување на Белчишкото Блато (Сини Вирој) како и негово прогласување за парк на природата и преземените активности на општината за промоција на истото, како и можностите за зголемен Економски развој од еко-туризмот.
Nov 28, 2024
На Вчерашната седница на советот на општина Дебрца беа усвоени дополнувањата на Правилникот за доделување на еднократна парична помош, со што се создаде можност на предлог на Комисијата за финансирање и буџет градоначалникот на општината да донесе решение за доделување на еднократна парична помош, во износ од 30.000 денари, за лекувањето на малата Теодора Петреска.
Посакуваме Теодора да се излекува и да биде како сите други дечиња, да има среќно и безгрижно детство.
Nov 12, 2024
Почитувани,
Тимот на проектот “ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар” организира отворен ден со граѓаните и граѓанските организации во општина Дебрца на 19ти ноември 2024 година со почеток во 11:00 часот, во просториите на Општина Дебрца. Оваа средба, која што е дел од Мобилниот ресурсен центар, планирано е да трае околу 1 час.
Целта на средбата е да се информираат локалните организации за актуелните случувања на национално ниво за развој на граѓанското општество, можностите за финансирање и јакнење на граѓанските организации, можностите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар, ЕУ агендата и други теми и прашања кои се од интерес за функционирањето на организациите на локално ниво. Покрај граѓанските организации на настанот поканети се и претставници на општинската администрација, млади активисти и волонтери и претставници на бизнис заедницата што соработуваат со граѓанските организации.
Ве молиме да го потврдите вашето учество на: marija@adi.org.mk и/или 071 865-053.
Проектот ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2 е финансиран од Европската Унија а го спроведува Фондацијата Граѓански ресурсен центар, Македонски центар за меѓународна соработка, Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар и Медиа плус, Штип.
Со почит,
Тимот на Граѓански ресурсен центар
Nov 11, 2024
Со полагање свежо цвеќе, историски час и посета на Спомен собата, денес во село Сливово се одбележа 81 година од формирањето на Првата Македонска-косовска ударна бригада , на 11 Ноември 1943 година.
Градоначалникот Зоран Ногачески во своето обраќање пред присутните истакна.
Македонија е држава која е родена на придобивките на НОБ,олицетворени преку историските одлуки на АСНОМ, во 1944 година ,кои практично претставуваат остварување на вековните идеали на македонскиот народ за создавање на своја државност и самостојност.
Тие придобивки во голема мера се исковани во Дебрца, првата слободна територија во НОБ, која жестоко се спротивставила на фашизмот.
Затоа, наша и на идните генерации света должност е тие придобивки да ги чуваме и негуваме, бидејќи на тој начин си ја чуваме државата.

Денешниот ден е и Патронен празник на ООУ “Дебрца” – Белчишта,а учениците и наставниците по тој повод со пригодна свеченост под мотото “ Ах љубов, сладок сон”го одбележаа патрониот празник.
Oct 17, 2024
Денес во село Белчишта свечено беше отворен Изложбениот центар за Белчишко Блато / Природнонаучна и етнолошка збирка. Изложбениот центар е дел од проектот “Подобрување на конзервацијата на приоритетните растенија во прекуграничната област”,conse-pp, проект кој општина Дебрца го имплементираше со своите партнери од Македонија и Грција,со средства обезбедени од ИПА програмата за прекугранична соработка Македонија-Грција и во чии рамки беше реконструиран и опремен стариот објект во центарот на село Белчишта,каде е сместен Изложбениот центар.

Во Центарот преку текстови, фотографии и примероци од растенија и животни прикажани се многу сегменти од флората и фауната, со кој располага Белчишкото Блато, најголемото блато, сочувано во неговата оригинерна форма

Градоначалникот Зоран Ногачески изрази голема благодарност до Делегацијата на ЕУ во Македонија,која финансиски ја помогна реконструкцијата и опремување на објектот, во кој е сместен Изложбениот центар како и US FOREST Service.
Градоначалникот Зоран Ногачески изрази благодарност и до Здружението за екологија и туризам “Екотуризам 2016”, Охрид,кое заедно со општината годиниве работеше на повеќе проекти за Белчишкото Блато, од кои најзначајни се тие за изготвување на целокупната документација за оправданоста за прогласување на Белчишкото Блато за заштитено подрачје,во категорија “Парк на природата”,постапка која е во тек. Тимот на “Екотуризам 2016”, на чело со Ѓоко Зороски и општинскиот тим се погрижија за креирање на сите содржини внесени во центарот.
Со отворањето на Центарот општина Дебрца добива уште еден атрактивен простор,преку кој се репрезентира дел од природното богатство на Дебрца,кое е дел од светското природно наследство.

Крајно, нашата заложба е Изложбениот центар да биде дел од промовирањето на Белчишкото Блато до сите засегнати чинители /туристи,посетители,ученици,стручна јавност/, а Белчишкото Блато да го добие заштитениот статус и по националната регулатива и како идно европско заштитено подрачје, во рамките на Натура 2000. Наша обврска останува да се обезбеди негово одржливо управување,зачувување на неговиот заштитен статус,но и негово искористување како атрактивна туристичка дестинација.
Изложбениот простор ќе може да се посети секој работен ден од 8:00 часот до 14:00 часот со предходна најава во општина Дебрца на телефон 046/286-855